+389 78 266 604 elenachikos@gmail.com

Грижа за менталното здравје во училишни транзиции: Стратегии за успешен старт за деца и родители

 

Во почетокот на септември илјадници ученици, безмалку ритуално, доживуваат измешани чувства на  возбуда, исчекувања и прирордно стравување. Важен процес за секој ученик и родител е подготовката за училиште каде најголемо значење се дава на училишните материјали и опрема. Но, не смееме да заборавиме на менталната подготовка за училиште и грижата за менталното здравје во овој период. Започнувањето во прво одделение, транзицијата во предметна настава или пак преодот во средно училиште носат дополнителни ризици и стравувања подеднакво кај учениците и нивнте родители.

Менталното здравје е важно

Се сеќавате ли на првите денови поминати во новотo училиште, со новата наставничка или во новиот клас во средно? Можете ли да се потсетите како се чувствувавте во овие моменти, што сè размислувавте и очекувавте пријатно или непријатно да се случи? Некои од нас успешно го премостија овој период на измешани чувства, стравувања и предизвици. Но, секој од нас познава барем еден соученик кој не успеал да се вклопи или доживеал ситуација во која му била потребна дополнителна помош и поддршка. 

Менталното здравје е основа за целокупниот развој и успех на учениците. Добрата ментална благосостојба им помага на децата и тинејџерите да се справат со стресот, да развијат позитивни односи со другите и да се фокусираат на учењето. Кога учениците се ментално здрави, тие имаат поголема самодоверба, подобри академски резултати и поголема отпорност на предизвиците. Поддршката за менталното здравје во училишниот период е клучна за превенција на проблематични состојби како анксиозност, депресија и социјални потешкотии, кои можат да влијаат на нивниот идентитет и животна патека. Честопати родителите и наставнците не успеваат да ги забележат или да побараат помош за децата кои се соочуваат со предизвици во менталното здравје, што значително влијае врз способноста за учење и развој.  Затоа, свесноста за менталното здравје и поддршката во негово унапредување треба да биде суштински дел од подготовката на секое семејство за враќање во училиште.

Ризични периоди на транзиција

 

Иако враќањето во училиште може да биде стресно време со самото тоа што доаѓа крај на летните слободи, сепак постојат клучни периоди кои се повеќе предизвикувачки подеднакво како за децата така и за родителите. 

Поаѓање во училиште

Започнување на училиштето претставува исклучително возбудлив период за идните првачиња. Очекувањата за нови дружби, наставници/-чки кои ќе бидат новите значајни авторитети но и пријатели на децата, новите знаења кои се на дофат се чинат како еден нов прекрасен свет за идното прваче. Но, кои се ризиците во овој период? Што е она што ги застрашува родителите и го прави овој период исклучително стресен?

 

  • За голем дел од децата поаѓањето во училиште може да биде првата голема разделба од домот и родителите. Оваа состојба на емоционална анксиозност може да предизвика вознемиреност и несигурност кај детето и кај родителите. Стравувањата за тоа како детето ќе се снајде во оваа разделба заедно со прашањата “Дали ќе му недостигам” и “Дали ќе е безбедно” се постојано присутни кај родителот, што дополнително влијае на целокупниот процес на адаптирање во училиште.
  • Правчињата може да се соочат со социјални предизвици во новата училница особено доколку се сретнуваат со повеќе нови другарчиња и немаат силно развиени социјални вештини. Родителите од своја страна покажуваат силна загриженост дали и како нивното дете ќе се вклопи во социјалната средина. Очекувани се прашањата “Дали моето дете ќе успее да стекне нови пријателства” и “Дали ќе биде прифатено во новата средина?”  
  • Предизвиците се надополнуваат со рутините и очекувањата кои ги носи училиштето. Прилагодувањето на рутината претставува тешкотија за повеќето деца што е надополнето со родителските стравувања дали детето е доволно самостојно за да се справи со предизвиците кои го очекуваат. 

 

Премин во предметна настава

Кога адаптираноста во училишните клупи не е веќе предизвик и учениците веќе се прилагодени на академските барања на нивните одделенски наставници, доаѓа период кога од нив се очекува академски да напредуваат. Преминот од петто кон шесто одделение, односно соочувањето со нови предмети и различни наставници станува сè поголема тешкотија за учениците. Родителите, од друга страна пак, се соочуваат со дилемите како да го олеснат овој процес на своите деца, но истовремено и да го поттикнат процесот на осамостојување во однос на извршување на академските задачи. Што е она што може да биде најголем предизвик во овој период?

  • Со преминот во шесто одделение често се зголемуваат академските барања, па децата кои не се навикнати на поголема одговорност се исправени пред сериозен училишен притисок. Истовремено родителите се загрижени дали нивното дете ќе може да се справи со притисокот и ќе покаже високо ниво на учење и академски успех. 
  • Социјалните односи меѓу врсниците стануваат посложени, врсниците се групираат и не ретко се случува отфрлање на поединци или конфликт меѓу групите. Социјалниот притисок за прифаќање, адаптација, предизвиците кои ги носи преминот во адолесценција и врсничкиот притисок се потенцијални ризици кои ги загрижуваат родителите во овој период.

 

Започнување на средно образование

Ова е еден од големите чекори за ученикот и родителите. Изборот на средно училиште, очекувања од новата средина, новиот начин на функционирање и повисоките академски барања создаваат силен притисок уште кон крајот на основно училиште. Дополнително, биолошките промени и адолесцентните кризи ги зголемуваат ризиците со кои тинејџерите и нивните родители се соочуваат:

    • Идентификација и самодоверба: Во оваа фаза, децата интензивно го градат сопствениот идентитет и се обидуваат да го осознаат сопственото место во поголемата и посложена средина во средното училиште. Идентификацијата со врсниците и врсничките групи е еден од клучните процеси кои имаат за цел да одговорат на прашањето “Кој сум јас?” и “Каде припаѓам?” Од тука, врсничките групи во средно училиште може да влијаат позитивно но и негативно врз целокупната самодоверба на ученикот, на што се надоврзуваат и клучните стравови и прашања на родителите во овој период: “Дали детето ќе развие здава идентификација и висока самодоверба во новата средина?”

 

  • Притисокот од врсниците се надополнува со кризите во адолесцентниот период кој е особено истакнат меѓу врсничките групи во средно училиште. Зголемениот притисок за социјално прилагодување покрај позитивни може да донесе и негативни однесувања како што се асоцијални поведенија, пушење, оддалечување од учење и сл. Родителските стравувања се очигледно поврзани со начинот на кој нивниот тинејџер ќе успее да се прилагоди во социјалната средина и опасностите и ризиците кои таа ги носи.  

 

    • Родителите се често загрижени дали детето ќе ги исполни академските очекувања и ќе биде подготвено за иднината, знаејќи дека средното училиште нуди поголем обем и посложен материјал за учење. 

 

  • Оддалечувањето од семејството е уште еден претпоставен ризик за средношколците, за што особено се загрижени нивните родители. Како децата стануваат постари, родителите може да се плашат од губење на блискоста и влијанието врз нивните деца, бидејќи тие почнуваат да се осамостојуваат и повеќе да се поврзуваат со врсниците.

 

 

Како да се надминат ризиците и стравовите при училишните транзиции?

Како што може да видиме, училишните транзиции носат големи предизвици, но со соодветна поддршка и подготовка можат да се надминат, а стравовите да се ублажат. Идентификувањето и препознавањето е првиот чекор кон давање на соодветна поддршка на ученикот во овие периоди. Еве неколку практични совети кои можат да ви помогнат да го направите овој процес полесен за вас и вашите деца. 

 Подготовка за прво одделение

Во овој период клучно е да му помогнете на вашето дете да ги запознае позитивните аспекти од училиштето и училишните обврски. Другарувањето и приврзувањето кон настваниците може да биде силен фактор кој ќе влијае на позитивниот став кон училиштето и олеснување на одвојувањето од родителите. Еве што може да направите:

  • Играјте училиште: Претворете ја подготовката за училиште во игра. Децата преку симулации на училишни активности можат да се запознаат со новите рутини и очекувања.
  • Посетете го училиштето: Запознавањето со училиштето, училницата и наставникот пред почетокот на учебната година може значително да го намали стравот од непознатото.
  • Разговарајте за чувствата: Отпочнете разговор за чувствата кои детето ги препознава, но и за оние кои не му се јасни, помогнете му да ги препознае и прифати. Нормализирајте ги неговите чувства и стравови, користете примери, приказни и лични искуства за да му помогнтете во овој процес. Отворените разговори за чувствата на вашето дете ќе му помогнат да се чувствува поддржано и разбрано.

 Надминување на преминот од петто во шесто одделение

Подготвеноста на вашето дете да го прифати предизвикот на зголемени академски барања и различниот начин на функционирање во предметна настава може да се зголеми преку учење на соодветни вештини кои ќе му помогнат во наредниот период. Менаџирањето на школските и воншколските активности, учење на вештини за комуницирање со врсниците и наставниците, како и отворениот разговор и поддршката од родителите придонесува кон силното чувство на подготвеност за премин во предметна настава. Следниве совети може да ви бидат од корист:

  • Научете го детето да управува со времето: Доброто управување со времето е вештина која ја поседуваат успешните луѓе. Успешното завршување на обемните академски задачи  и бројните воншколски активности, а истовремено користење на слободното време за интеракција со врсниците, единствено е можно преку добро структуирање и менаџирање на врмето. Помогнете му на вашето дете да го определи потребното време и да воведе распоред на завршување на домашните задачи и воншколски активности. Дополнително, помогнете му во планирање на слободното време и начинот на кој сака да го искористи, колку од тоа врме ќе го посвети пред екраните, а колку од времето во физчка интеракција со своите врсници и тоа внесете го во распоредот. 
  • Поддржувајте го вклучувањето во активности: Поттикнете го вашето дете да се вклучи во училишни клубови или спортски активности во училиштето за да гради нови пријателства и да го зголеми чувството на сигурност и прифатеност во социјалнатa средина. 
  • Одржувајте комуникација со наставниците: Редовно комуницирајте со наставниците за да следите како вашето дете се прилагодува на новата средина и брзо реагирајте ако се појават проблеми. Редовната комуникација со наставниците го зголемува чувството на сигурност кај вас како родители, но истовремено дава можност да се решат потешкотиите или недоразбирањата кои може да се појават како во совладувње на наставниот материјал, така и во прилагодувањето во социјалната средина. Довербата меѓу родителот, наставникот и детето е клучна во успешно надминување на потенцијалните ризици од овој период. 

 Успешно отскокнување во средно училиште

 

    Зачекорувањето во средно училиште му покажува на детето дека веќе се движи кон светот на возрасните. Детето може да чувствува предизвик и позитивни очекувања, но истовремено и несигурност и страв од непознатото. Иако е самостојно и одлучно да стане независно од своите родители, сепак чувствува дека му е потребна помош. Како родители еве што можете да направите за да го поддржите вашето дете:

  • Охрабрувајте го да развие самодоверба:  Помогнете му на вашето дете да се чувтсвува значајно и вредно со тоа што ќе го насочите да поставува мали и достижни цели кои успешно ќе ги постигнува. Поддржувајте го неговиот труд, без  оглед на резултатите. Вреднувајте го секој успех, а од неуспехот помогнете му да извлече поука. Дозволете му да ги завршува работите на свој автентичен начин, иако понекогаш не се согласувате со тоа, уважете ја неговата уникатност и креативност.
  • Овозможете отворена комуникација: Создадете средина каде вашиот тинејџер ќе се чувствува удобно, безбедно и прифатено да зборува за своите стравови и проблеми. Важно е да обезбедите простор во кој детето нема да чувствува осудување или критика за работите што ги споделува. Бидете спремни да слушнете, поддржите и охрабрите иако можеби ќе имате чувство дека одредени делови не се споделени со вас. Почитувајте го правото на интимност и приватност на вашето дете, покажете разбирање за неговите граници со што би го зголемиле чувството на меѓусебна доверба. 
  • Воведете техники за справување со стрес: Охрабрете го детето да учи техники за справување со стресот, како медитација, ритмично дишење, арт техники или спорт, кои ќе му помогнат во моменти на напнатост. Иако тинејџерските години се препознатливи по експлозивните реакции во стресни ситуации, практикувањето на вакви техники може да помогне во учење на самоконтрола, а со тоа и охрабрување на сликата за себе како возрасна и самостојна личност. 

 

Уште неколку општи совети за сите транзиции

Препораките кои ги опишавме погоре може да помогнат во многубројни ситуации, доколку се применат сите заедно или само некои од нив. Во пружањето помош и поддршка не заборавајте најпрво да го “слушнете” вашето дете, односно да ги препознаете неговите потреби. Понекогаш за одредени деца е потребно само мало охрабрување или поттик во некој одреден домен, додека за други се потребни проширени совети, техники или поддршка од психолог, психотерапевт или советник. Следниве општи совети може да ви помогнат на тој пат:

  • Комуницирајте отворено со своето дете за да ги запознаете неговите стравови и двоумења. Покажете доверба во неговите квалитети, снаги и подготвеност самостојно да се соочи со одредени предизвици. Уважете ги неговите самостојни обиди, без да дополнувате сопствени мислења и ставови како би можеле вие да ја решите таа ситуација. 
  • Покажете доверба кон наставниците и образовниот систем. Иако можеби не се согласувате со одредени наставни практики или образовни политики кои се применуваат во училиштето, потребно е да создадете атмосфера на меѓусебна доверба меѓу вас, наставникот и детето. Наставникот игра исклучително важна улога во животот на детето особено во основно образование, а вашата доверба и отворен разговор може да придонесат кон зацврстување на релацијата наставник и дете, подобрување на школскиот успех и зголемување на чувството на припадност на детето во училиштето. 
  • Постепено воведување на промени: Обидете се да ги воведувате промените етапно, за да им дадете време на децата да се прилагодат на новите околности. Направете добра проценка кои нови рутини и правила ги воведувате, колку се значајни и потребни за вашето дете и прилагодете ги на начин детето да доживее чувство на успех додека ги извршува. 
  • Создадете позитивни искуства: Поттикнувајте ги децата да учествуваат во активности кои ги интересираат, за да го намалите стресот и да ги зајакнете нивните позитивни чувства кон училиштето. Воведете ги во активности кои ќе ја поттикнат нивната социјална вклученост, до онаа мера до која детето се чувствува комфорно. Не заборавајте, понекогаш помалку е повеќе. 

Со овие препораки вие и вашето дете ќе бидете подобро подготвени за предизвиците што ги носи новата училишна година. Многу од училишните искуства и стратегиите за справување ги споделуваме со другите родители и добиваме совети за нашето однесување. Понекогаш ова може да ни биде од корист, но исто и да не стави во непријатна позиција и да предизвика негативни чувства и сомнежи. Доколку ви е потребна помош во надминување на овој транзиционен период со вашето дете, закажете советодавна сесија во рамките на семејна терапија, каде што вие заедно со вашето дете ќе ги разработите дилемите, стравовите и тешкотиите во безбедна средина и ќе научите вештини и стратегии за понатамошно справување. Не заборавајте - менталното здравје на вашето дете е особено важно , а вие, самостојно или во соработка со стучно лице, сте во можност да му ја обезбедите потребната поддршка за сигурен и успешен училишен пат.