+389 78 266 604 elenachikos@gmail.com

Безбедната средина во терапијата: Клучот за ефикасно лекување и личен раст

Кога помислуваме на разговор со психолог или психотерапевт веднаш може да се замислиме себе си како водиме разговор седејќи спроти нашиот терапевт во нејзината/неговата канцеларија. Во поново време не ретко ќе ни се појави и слика како виртуелно разговараме со нашиот терапевт преку некоја од on-line платформите или пак разговараме движејќи се низ убава природа. Секој од овие примери ќе не одведе до помислата на добивање на долгорочно искуство кое го носиме со себе долго после терапевтската сесија. Искуство кое се развило во рамките на безбедната терапевтска средина.

Истражувањата покажуваат дека клиентите кои имаат чувство на доверба и безбедност во терапевтската средина имаат поголема веројатност да постигнат позитивни резултати од терапијата. Студиите потврдуваат дека квалитетот на терапевтскиот однос често може да биде покомплексен и посилен од примената на различни техники.

Но, како се гради ова чувство на сигурност? На кој начин безбедната средина во терапевтски контекст ни го овозможува тоа? Како да препознаете дека сте изградиле безбедна средина со вашиот терапевт? Како терапевтот може да ви помогне во тоа? 

 

Што претставува безбедна средина во психотерапијата?

Силната врска меѓу терапевтот и клиентот е од витално значење за да се постигнат максимални ефекти од средбата со психотерапевт. Таа е подеднакво моќна, ако не и посилна, од изборот на техники и методи кои се применуваат во сесијата. Квалитетот на терапевтскиот однос и изградениот сојуз со клиентот може јасно да го предвиди исходот на терапијата.

Без оглед на терапевтскиот сетинг во кој се наоѓаме, она што е исклучително важно во градењето на врската е чувството на доверба меѓу терапевтот и клиентот. Во која и да е форма, терапијата нужно е потребно да обезбеди безбедна средина, простор во кој отворено може да се поделат најдлабоки чувства и мисли, нешта кои не би се осмелиле да ги кажеме на друго место. Безбедната средина може да се визуелизира како виртуелен простор меѓу терапевтот и клиентот кој има облик на кожурец во кој и двајцата се чувствуваат сигурни и заштитени од надворешниет опасности. Овој виртуелен кожурец е заеднички изграден од учесниците во терапијата и е точно лоциран во просторот и времето. 

Во терпаевтската сесија каде е изградено чувство на доверба и сојузништво луѓето се чувствуваат удобно и сигурно. Нивните мисли, идеи, чувства, несовршености и двоумења се добредојдени и целосно прифатени. Преку креирање на безбеден простор терпаевтот во соработка со клиентот се стреми да создаде физичка и емоционална средина каде што лицето се чувствува безбедно да се отвори и да ги сподели своите мисли и чувства без страв од осудување или отфрлање.

Клучни елементи и фактори кои влијаат на одржување сигурен терапевтскиот однос

   Односот на доверба и сигурност е автенчинен за секој терпаевт и изграден врз автентичните карактеристики на клиенот. Сепак, неколку елементи се универзални и влијаат врз успешно градење на безбедната средина:

Доверливост

   Во почетокот на секој терпаевтски процес неопходно е да се разјасни  дека она што се случува на сесијата останува тука, односно сè што се разговара за време на сесијата е доверливо и нема да биде споделено со други. Иако овој принцип во многу ситуации се подразбира, сепак е важно да биде потенцирано, како би знаеле дека местото за споделување е сигурно и безбедно. 

 Взаемна соработка

    Успешноста на терапевтскиот процес несомнено е поврзана со креирањето на двонасочна врска меѓу терпаевтот и клиентот. Ова вклучува формирање на рамноправно партнерство, заедничка посветеност и истрајност кон дефинирање и актуелизирање на целите на терапијата. Взаемната соработка овозможува прилагодување на динамиката и насоката на сесиите на начин кој е автентичен и одговара на клиентот.

Повратните информации

  Користење на повратните информации кои клиентот ги дава во текот на сесијата овозможуваат процесот да се прилагоди кон она што е функционално за самиот клиент. На овој начин се овозможува рамноправно партнерство во целокупниот процес кој со заеднички напори се креира “по мерка” на клиентот. Истовремено ја зајакнува нивната доверба и гарантира дека и двајцата работат заедно во иста насока. Од непроценлива вредност е разговорот за тоа што е "најлековито" за клиентот во конкретната сесија, што е она што му помага и што е помалку значајно за него во овој момент. 

Емпатичното слушање

  Активната посветеност кон она што клиентот го зборува и прави, заедно со покажувањето на емпатија е витален предиктор за успех на терапијата. Во процесот кој обезбедува безбедна средина клиентот се чувствува целосно слушнат, неговите чувства се доживеани и валидизирани, чувствува дека го добива целосното внимание и посветеност од терпаветот. Емоционалната присустност и респонзивност на терапевтот се клучни елементи во процесот.

Топол и грижлив однос

   Покрај покажаната емпатија и активното слушање, терпаевтот покажува топлина и грижа во текот на сесиите, додека клиентот чувствува дека неговиот живот и проблемите кои ги изнесува се од суштинско значење за терапевтот. Понекогаш, на клиентот му е потребно да доживее природен, ненаметлив, човечки одговор на грижа и разбирање за да се почувствува сигурно и безбедно во терапевтскиот процес.

Репарирање на односот

   Кога во взамениот однос почнува да се јавува дистанцирање, конфронтирање или висока фрустрација од било која страна, ваквите пречки потребно е да се премостат . Дистанцирањето или силното конфронтирање покажува недостаток на доверба или начин на одбрана, бидејќи клиентот се почувствувал осуден или погрешно разбран. Доколку терапевтот го воочи ова или било каква друга напнатост, потребно е да ги разјасни недоразбирањата, да ги поправи грешките и да не дозволи напнатоста да расте. На тој начин, откако односот ќе се поправи, довербата се зголемува и се зајакнува чувството на сигурност во процесот.

Како безбеднта средина ми помага во решавање на моите проблеми?

Како клиент во терапевтскиот процес од исклучителна важност е да добиете целосно внимание, прифаќање и разбирање од терапевтот. Уште повеќе, важно е вашите зборови да бидат целосно слушнати и разбрани, вклучувајќи ги и емоциите кои ги пренесувате со нив. Да се чувствувате сигурно и безбедно за да ги изразите најдлабоките мисли и чувства, да ја покажете својата ранливост и да побарате во терапевтот и во себе поддршка и помош за промени единствено може да се случи во простор кој ви нуди целосна заштита и доверливост. Ова е ваш простор, автентично креиран според вашите потреби, место за изразување на длабоките желби, стравови, сомнежи и двоумења. Кожурец кој, во соработка со терапевтот, автентично е креиран по ваша мера.         

Искусувањето на овие чувства ви помага во безбедно експлорирање на проблемите со кои се соочувате, дава можност работите да ги разгледате од друга перспектива и заедно да трагате по функционални и здрави начини на однесување кои помагаат во решавање на ситуацијата. 

 Како сум сигурен дека јас и мојот терапевт имаме изградено безбедна средина?

   Доколку се запрашате каков е вашиот однос со терапевтот, размислете дали се чувствувате слободно да ги изразите вашите најдлабоки чувства и мисли. Кои од наброените елементи ги препознавате кај вашиот терапевт? Ако сè уште не сте сигурни дали имате изградено доверлив однос, размислете за консултација со терапевт кој може да ви помогне да создадете средина која е наменета за вашите лични потреби и цели.

   Терапевтот може да ви го покаже ова преку вербализирање, гестикулации, невербален говор, контакт со очи, емпатично и активно слушање, а понекогаш и со држење за рака или прегратка. Вашите автентични потреби се слушнати, доживеани и уважени, што како чувство се провлекува низ целата сесија, а и потоа.

   Кога е изградена меѓусебна сигурна врска, безбедната средина се доживува и кога постои молк во сесијата. Ова може да предизвика непријатно чувство, бура во мислите или преплавеност со емоции, но и покрај тоа имате сознание дека сте сигурни во просторот кој сте го изградиле со терпаевтот. Тука е дозволено да се молчи иако умот е преполн со зборови, а телото со чувства, покрај некој кој целосно го разбира и го прифаќа тоа.

Кога да побарам помош од психотерапевт?

   Безбедната средина во терапијата не е само основа за ефикасен процес на лекување, туку и катализатор за личен раст и развој. Барањето помош и донесувањето одлука да се започне со терапија е исклучитлелно тешко во некои ситуации, заради што многумина се соочуваат со дилема дали да започнат или да го одложат почетокот на советувањето. Препознавањето на внатрешното чувство проследено со мислата:  “Јас имам тешкотија/проблем/предизвик и потребно ми е стручно лице со кое можам да поразговарам” е иницијалниот почеток на работата на себе. Контактирањето на психотерапевтот и закажување на првата средба е една од најхрабрите одлуки што клиентите ја направиле. Тоа е и актуелниот почеток на терапевтската работа. Средбите со психотерапевт се продолжение на процесот или потрагата по решение, олеснување, или разрешување на кризните ситуации.

   Во тераписката работа се поставува основа врз која клиентот се чувствува целосно поддржан и прифатен, што понатаму овозможува вистинска трансформација и напредок. На крајот, создавањето на таква средина е заедничка задача која се создава во релација помеѓу терапевтот и клиентот и се темели на доверба, емпатија и искрена посветеност. Оваа автентична и поддржувачка врска не само што ја олеснува терапевтската работа, туку и овозможува клиентот да се справи со своите предизвици со нова надеж и самодоверба. 

    Доколку се соочувате со предизвици кои го отежнуваат вашето секојдневно функционирање или ви создаваат дилеми кои не сте во можност самостојно да ги разјасните, побарајте помош од стручно лице и закажете ја првата сесија уште денес.

  Барањето помош не е знак на слабост туку решителност да останете силни!