Да се биде со некого целосно близок и посветен на меѓусебната врска подразбира многу повеќе од физичка присутност и добри комуникациски вештини. Клучен елемент е взаемната емотивната достапност која се однесува на способноста и подготвеноста да се поврземе и да се вклучиме во значајни емоционални размени. Да се биде емотивно присутен во врската значи да се биде присутен, внимателен и одговорен на емоционалните потреби на партнерот/ката. Тука се опфатени повеќе елементи меѓу кои се отвореноста, ранливоста и емпатијата.
Емоционалната достапност ја покажува индивидуалната способност и волја да ги споделиме и воедно да одговориме на емоционалните искуства на поддржувачки, отворен и ненаметлив начин кога сме во релација со другиот. Ова е подеднакво значајно во сите релации кои ги градиме секојневно: семејни, пријателски, партнерски, љубовни и тн. Емоционалната достапност игра критична улога во градењето на здрави, сигурни врски, поттикнување на интимност, доверба и разбирање меѓу луѓето. Луѓето, партнерите кои се емоционално достапни не се само физички присутни во интеракциите туку одат подалеку од добро изучените теники на разбирање и реплицирање на кажаното. Покрај емпатичноста и респонзивноста тие покажуваат способност за внимавање и одговарање на емоционалните потреби на другиот.
Клучни аспекти на емоционалната достапност
Релациите во кои партнерите се целосно респонзивни и достапни за емотивните потреби на другиот се чинат комплексни, речиси идеални за многумина. Сепак, кога сакаме да изградиме или да одржиме здрава врска во која имаме взаемно чуватво на задоволство, прилагоденоста на емоционалните потреби на партнерот/ката е неопходна. Следните елементи ја сочинуваат емоционалната достапност и може да ни послужат како патокази во разбирање на нашата врска:
- Емотивна атунуираност : Може да се претстави како способноста да се забележат и интерпретираат емоционалните сигнали кои ги испраќа партнерот/ката. Понекогаш добрата атунираност подразбира разбирање на емотивните потреби на другиот без да бидат употребени зборови. Тоа се случува кога ние сме силно свесни за емоционалната состојба на другиот и воедно покажуваме емпатија кон тоа што тој го чувствува. Истовремено, атунираноста не подразбира оправдување или согласување со неговите/нејзините чувствата, туку препознавање, разбирање и уважување на нивното постоење.
- Емпатија и сочувство : Емпатијата овозможува да се резонира со позитивните и негативните чувства на другите. Кога некој сочувствува тој покажува чувство на топлина, внимание и грижа за другиот но и силна мотивација да се подобри благосостојбата на оној со кој е во релација. Емоционално достапните партнери/ки можат да се стават во кожата на другиот и да покажат искрена грижа за нивната емоционална добросостојба. Партнерот/ката има капацитет да пружа поддршка без да осудува или да биде дефанзивен кон нас.
- Отворена комуникација : Емоционално достапните луѓе се подготвени да ги изразат своите чувства и мисли искрено и отворено, додека истовремено се подготвени да ги чујат и нашите емоционалните изрази. Во ваквата релација не постои “забранета зона” за изразување чувства, ниту пак преферирање на еден вид, а избегнување на друг вид на емоции. Ова помага да се создаде средина каде што емоционалните потреби може да се дискутираат и разберат. Преку отвроена комуникацуја стануваме сигурни дека изразувањето на сите емоции е добредојдено и прифатено, а искажувањето на взаемните потреби е добредојдено.
- Емоционална регулација : Во релација со другиот, партнерите потребно е да поседуваат вештини за контролирање на емоциите. Кога некој постојано е преплавен од своите емоции, му станува тешко да одговори на потребите на другиот. Конторолирањето не значи потиснување или негирање, туку управување и изразување на сопствените емоционални искуства на соодветни и адаптивни начини. Може да опфаќа стратегии за засилување, одржување или намалување на сопствените емоционални реакции.
- Конзистентност и доверливост : Емоционалната достапност исто така претпоставува дека партнерите се постојани и одговорни низ врмето, истрајни во градењето на силна релација на емотивно прифаќање на другиот. Тоа создава чувство на доверба, партнерите го засилуваат чувството на сигурност и верба дека дека емоционалната конектираност ќе се одржи.
- Ранливост : Основен аспект на емоционалната достапност е подготвеноста на партнерите да бидат ранливи, односно да се отворат за своите емоции, дури и кога тоа изгледа ризично. Кога некој е ранлив значи дека го превзема ризикот дека неговата/нејзината емоционална реакција, однесување или појава може да биде лошо оценета или негирана, може да се соочи со сопственото чувство на срам или отфрленост, но ризикува за да добие шанса за успех. Само преку тоа што ќе си дозволиме да бидеме ранливи, можеме да разбереме, да чувствуваме емпатија, да си простуваме еден на друг и да знаеме дека сме достојни за љубов и припадност. Емоционална храброст е споделување на нашите чувства на луѓето кои ни значат и прифаќање на нивните чувства како валидни и важни, што понатаму ја продлабочува интимноста и довербата во врската.
Важност на емоционалната достапност во различни видови врски
Во градењето на секоја релација, особено кога лицето има намера да го зацврсни и продлабочи односот со другиот, емоционалната достапност е од круцијално значење.
Кога зборуваме за релации на емотивна размена најпрво помислуваме на романтичните врски. Во романтични врски емоционалната достапност е клучна за воспоставување на интимност, доверба и долготрајна поврзаност. Може слободно да се каже дека емоционалната достапност ја зацврстува љубовта и ја продлабочува взаемната конекција. Кога двајцата партнери се емоционално достапни имаат чувство на слобода во релацијата и однос кој се базира на добро изградена комуникација. Тие полесно се справуваат со предизвиците, се чувствуваат посигурно и имаат поголемо задоволство во врската.
Друга значајна врска со другиот, проследена со силни и длабоки емоции е односот меѓу родител и дете . Во контекст на родителството, емоционалната достапност помага децата да се чувствуваат видени, разбрани и сакани. Емоционално достапните родители поттикнуваат сигурен атачмент, што е клучно за правилниот емоционален развој на детето, неговата самодоверба и способност да гради здрави врски во иднина.
Пријателствата се уште една релација во која поединецот емотивно се инвестира. Во блиските пријателства, емоционалната достапност им овозможува на пријателите да си пружат поддршка во тешки времиња, да ги слават успесите и да одржат силна емоционална врска. Емоционално недостапните пријателства често се чувствуваат далечни и помалку исполнувачки.
Не помалку значајни се и професионланите односи каде емоционалната (не)достапност на претпоставениот или лидерот е силно забележлива. Во лидерски и менторски улоги, емоционалната достапност помага да се изгради доверба и врска со колегите или подредените. Таа поттикнува поддржувачка средина каде луѓето се чувствуваат ценети и слушнати. Задоволството од работа е на високо ниво со што се зголемува и ангажираноста на работниците.
Во секоја од овие релации може да препознаеме одредени сигнали кои ни покажуваат дека односот се базира на респонзивност и емоционална ангажираност. Во односот препознаваме дека кај соговорникот постои активно слушање без одвлекување на вниманието, подготвен е да зборува за тешки емоции но и да понуди поддршка во емоционални кризи. Соговорникот е емпатичен и сочувствителен но способен да постави емоционални граници и конзистентен е низ врмето во однос на неговите емоционални одговори.
Фактори кои влијаат на емоционалната достапност
Емоционалната достапност може да биде под влијание на различни фактори, вклучувајќи лични искуства, претходни врски и општествени услови. Овие фактори често се поврзани и влијаат едни на други, создавајќи индивидуален профил на емоционална достапност кај секоја личност. За да го разбереме партнерот/ката, неговото/нејзинот однесување во врската како и нивото на емоционална ангажираност потребно е да ги погледнеме следните аспекти и влијанија:
- Раното детство и приврзаност- Начинот на кој поединецот има формирно приврзаност кон родителите или значајните возрасни во раното детство игра голема улога во неговата емоционална достапност како возрасен. Лица кои формирале сигурен атачмент, во средина во која препознатливо биле сакани и поддржувани, имаат поголема веројатност да бидат емоционално достапни. Лица со несигурен или избегнувачки атачмент често имаат потешкотии со изразувањето на емоции и прифаќањето на емоционални изразувања од другиот, што може да ги направи емотивно недостапни во врските.
- Претходни врски и трауматски искуства - најголем дел од луѓто се соочиле со разочарување, се почувствувле изневерени а понекогаш искусиле и траума во претходната врска. Лицата кои доживеале длабоки емотивни болки природно се повлекуваат и се заштитуваат од ново повредување. Тоа понатаму може да доведе до избегнување на емоционална поврзаност во релациите, бидејќи лицето се плаши од повторно разочарување или болка. Од друга страна, пак, партнерите/ките кои имале позитивни искуства во претходни релации ќе бидат подготвени и отворени за емоционални споделувања и прифаќање на емоционални искуства на другиот. Често се случува, искусената траума или разочарување од претходните врски да биде клучот кој ги поврзува партнерите во актуелната релација, што е добар основ за продлабочување на емоционалната достапност кај двајцата партнери.
- Самодоверба и самопочит- очекувано е дека лицата со висока самодоверба и здраво ниво на самопочит ќе бидат повеќе отворени за емоционална интеракција, бидејќи се чувствуваат сигурни во себе, во своите постапки, граници и емоционални изрази, но и имаат помалку страв од покажување на ранливост. Од друга страна, луѓето со ниска самодоверба можат да чувствуваат несигурност и страв од одбивање, што ги прави емоционални недостапн и затворени, воедно го потхранува избегнувањето на блиски врски.
- Културни и општествени влијанија - Културата и општеството исто така влијаат на начинот на кој се доживуваат и изразуваат емоциите. Во некои култури, емоционалната отвореност е прифатена и охрабрувана, додека во други може да се смета за знак на слабост. Родовите норми и општествените очекувања во однос на родовите улоги исто така можат да влијаат врз емоционалната респонзивност. Не ретко, во многу култури мажите се охрабруваат да ги потиснуваат своите емоции, што може да ги направи помалку емотивно достапни, додека пак ставот кон жените е дека имаат дозвола, па и без поставување на граници, да изразуваат емоции и да имаат емоционални побарувања, што го продлабочува проблемот од другата страна а котинуумот.
- Ниво на стрес и ментално здравје - Лицата кои се се соочуваат со хроничен стрес или имаат проблеми со менталното здравје (на пример, депресија, анксиозност) можат да имаат потешкотии со емотивната достапност. Кога е под постојан стрес, лицето може да се затвори емоционално, бидејќи има помалку енергија да се справи со своите и туѓите емоции. Емоционалната достапност е повисока кај луѓето со високо лично чувство на добросостојба што пак често зависи од стабилноста и балансот на менталното здравје.
- Комуникациски вештини и респонзивност - Развиените комуникациски вештини и утврдени функционални обрасци на меѓусебно комуницирање помага да се создадат услови за изразување и разбирање на емоциите. Респонзивноста е потесен концепт од емоционалната достапност кој се однесува конкретно на тоа како поединецот реагира на емоционалните потреби и барања на партнерот во одреден момент. Таа се манифестира преку активни реакции, како што се зборови на утеха, физичка поддршка ( допир, гушкање) или валидирање на чувствата на партнерот.Недостатокот на комуникациски вештини може да го оневозможи изразувањето на емоциите или правилното разбирање на емоциите на партнерот. Исто така, доколку партерот е неумесен во однесувањето односно во практичното искажување на емотивната достапност, помала е веројатноста да постои емотивно споделување и длабока интимност во врската.
- Страв од ранливост - Често луѓето се плашат дека ќе бидат повредени ако го покажат своето вистинско „јас“ или ако се отворат премногу некому. Стравот од ранливост е чувство кое го попречува поединецот да биде емотивно отворен со другите бидејќи дирекно го наведува кон емоционално изложување пред другите и го соочува со потенцијалата можност да биде отфрлен. Ваквото чувство води до емоционална затвореност каде што личноста одбива да сподели чувства или да ги изрази своите емоции пред другите со единствена цел - да се заштити. Стравот од ранливост често е последица на претходи почести искуства на отфрлање од пријатели, работни групи или интимни партнери. Истовремено, лицата кои се почувствувале повредени бидејќи повеќекратно биле изложени на критики и навреди од значајните други, како што се семејни членови или интимни партнери имаат поизразен страв од ранливост поврзан со ниското ниво на самодоверба. Покажување на ранливоста е од суштинско значење во градењето на зачајни релации затоа што овозможува да бидеме отворени, да го споделиме сопственот автентично “Jас” и со тоа да ги охрабруваме оние околу нас да го прават истото.
- Емоционална интелигенција - ја покажува способноста индивидуата да ги препознае, разбере и управува со своите емоции и емоциите на другите. Луѓето со висока емоционална интелигенција се понаклонети да бидат емотивно достапни. Тие имаат капацитет за емпатија и се способни да ги изразат своите чувства на здрав начин. Следствено, ниската емоционална интелигенција може да доведе до недостиг на емоционална свест и да го отежни емоционалното поврзување.
Што да направите ако препознаете емотивна недостапност кај партнерот?
Доколку читајќи го овој текст препознавате дека кај вашиот партнер/ка недостасуваат поголем дел од клучните аспекти кои ја градат силната емотивна врска, веројатно се соочувате со емотивно недостапен партнер/ка. Емотивната недостапност може да биде сложен проблем, но со отворена комуникација и посветеност, некои парови можат да најдат начини заедно да го надминат. Еве неколку предлози од каде да започнете:
- Разговор со партнерот/ката : Обидете се да започнете искрен разговор за тоа како се чувствувате и каква е вашата перцепција за нивото на емоционална поврзаност. Прашајте го партнерот дали е свесен за тоа и дали сака да работи на подобрување на оваа динамика.
- Бидете јасни за вашите потреби : Објаснете му/ѝ на партнерот/ката што ви е потребно од врската во однос на емоционалната поддршка и присутност. Користете “јас пораки” за да ги изразите чуватва и потребите на јасен начин но и да избегнете критизирање.
- Советување или терапија : Ако емотивната недостапност е долгогодишен проблем, размислете за заедничко советување или партнерска терапија. Безбедната терапевтска средина е простор во кој може да се изразата најдлабоките емоции и потреби но и да се научи емотивно конектирање со другиот. Ова може да помогне во разбирањето и решавањето на емоционалните блокади.
- Размислете за своите граници : Ако партнерот/ката не е подготвен да работи на емотивната недостапност, важно е да ги разгледате вашите граници и да одлучите колку тоа влијае на вашето задоволство и среќа во врската.